Владата одлучи да се започне со реализација на нов проект за развој на планински туризам, кој опфаќа инвестиции во планинските туристички центри, како и изградба на нови сместувачки капацитети. Со проектот ќе бидат опфатени Пониква-Кочани, Етно-парк - Берово и Беровско Езеро-Берово, Крушево, Голак-Делчево, Јанков Камен-Вевчани, и Лазарополе, Галичник и Тресонче во Маврово и Ростуше. Во првата напредна фаза од проектот се опфатени четири туристички планински центри, Пониква-Кочани, Етно-парк - Берово и Беровско Езеро-Берово, Крушево и Голак-Делчево за кои ќе се распише постапка за отуѓување на земјиште за изградба на нови сместувачки капацитети во соодветни туристички комплекси, а во два од нив Пониква и Крушево ќе се инвестираат и 140 милиони денари за изградба на нови атрактивни спортски содржини.
Владата одлучи да се започне со реализација на нов проект за развој на планински туризам, кој опфаќа инвестиции во планинските туристички центри, како и изградба на нови сместувачки капацитети, најави владиниот портпарол.
Со проектот ќе бидат опфатени Пониква-Кочани, Етно-парк - Берово и Беровско Езеро-Берово, Крушево, Голак-Делчево, Јанков Камен-Вевчани, и Лазарополе, Галичник и Тресонче во Маврово и Ростуше.
„Во првата напредна фаза од проектот се опфатени четири туристички планински центри, Пониква-Кочани, Етно-парк - Берово и Беровско Езеро-Берово, Крушево и Голак-Делчево за кои ќе се распише постапка за отуѓување на земјиште за изградба на нови сместувачки капацитети во соодветни туристички комплекси, а во два од нив Пониква и Крушево ќе се инвестираат и 140 милиони денари за изградба на нови атрактивни спортски содржини", рече портпаролот Александар Ѓорѓиев, во недела.
Со цел успешност на проектот Владата и општините ќе инвестираат во урбанизација, сообраќајно поврзување, електрификација, водовод и канализациски систем.
„За Пониква на конкретната локација се предвидени 135 викенд куќи и 12 комерцијални објекти и спортски терени (игралишта и ски патеки со лифтови). Комплексот е на површина од 20.000 метри квадратни, опкружен со шуми и пасишта. До локацијата веќе е изграден пристапен асфалтен пат и таа е обезбедена со вода и електрична струја, и се наоѓа на надморска височина од 1.580 метри, во близина на ловниот резерват Осогово", рече Ѓорѓиев.
Во Берово ќе се гради на две локации, и тоа „Етно Парк - Етно Село", на површина од 53.500 м2, од кои 30 отсто се наменети за градби.
„Туристички комплекс е наменет за рекреативен и здравствен туризам, со можност за изградба на хотели изградени како автентични селски објекти со малешевска архитектура, со користење на автентични материјали, и со пропратна инфраструктура како спортски терени, спа центри, забавни паркови", рече Ѓорѓиев
Втората локација е Беровско езеро и е наменето за хотелски комплекс, но и викенд населба и терени за спорт и рекреација. Земјиштето е со површината од 30.000 м2, од кои 21.000 м2 се наменети за градба.
За Крушево се определени три локации за мали хотели во викенд населба до езерото, на површината од 2.300 m2.
„До самата локација е изграден асфалтен пат, а во нејзина близина е предвидена и викенд населба, каде што најголем дел од локациите се отуѓени по пат на јавно наддавање и се очекува отпочнување со изградба на објектите. Во близина на локациите веќе има изградено комунална инфраструктура", рече Ѓорѓиев.
За Голак Делчево локацијата е со површина за градење од 15.143 м2, а се планира изградба на ски лифтови, зона на комерцијално услужни објекти и зона на викенд населба, хотели, одморалишта, друштвен центар, комерцијално услужни дејности и спортско рекреативни површини.
Во рок од 30 дена од денеска општините Кочани, Берово, Крушево и Делчево, треба да распишат постапки за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање, за сите наведни локалитети.
„Во насока на развој на планинскиот и зимски туризам, Владата одлучи да започнат инвестиции во спортско туристички содржини во туристичките центри Крушево и Пониква-Кочани", рече Ѓорѓиев.
Таму ќе бидат изградени најмодерни сноу борд паркови по сите светски стандарди, кои ќе опфаќаат изградба на специјализирани долги и кратки патеки, со соодветни препреки карактеристични за сноубордингот, сноу борд патеки и рампи.
Ќе се изградат резервоари за создавање на вештачки снег кој ќе овозможи користење на патеките независно од климатските услови, а во лето резервоарите ќе може да се користат како извор на техничка вода за граѓаните и компаниите, а ќе се инвестира и во осветлување за да се овозможи ноќно скијање и сноубординг.
„За оваа цел се обезбедени и ќе бидат ангажирани 140 милиони денари, од кои 80 милиони за Крушево и 60 милиони денари за Пониква. Постапката за проектирање е веќе завршена, а во тек е постапката за избор на економски оператор за градба", рече Ѓорѓиев.
Следната недела ќе почне градбата на сноуборд паркот и патеката на Пониква и градба во Крушево, кои се очекува да бидат завршени пред оваа зимска сезона.
Владата препорача, во наредните 15 дена општините Маврово и Ростуше за локалитетите кај село Галичник, Лазарополе и Тресонче, Радовиш за Плачковица, и Вевчани за Јанков Камен, да почнат со постапка за донесување на урбанистичко планска документација со која ќе предвидат локации за нови сместувачки капацитети со планинска конотација, со која ќе предвидат локации за туристички центри, спорт и рекреација, забавни паркови, спортски терени, нови хотелски комплекси и други сместувачки капацитети.